Еurocontrol Traffic Snapshot За првиот квартал од 2025 Skopje ACC со голем пораст

Првиот квартал од 2025 година е веќе зад нас, а со оглед на тоа што се приближува динамичниот летен период, сега е соодветен момент да се направи преглед на развојот на воздушниот сообраќај. На графиконот е прикажана промената во обемот на IFR сообраќајот (вклучувајќи ги и прелетите) по ACC (Area Control Centre) во рамките на EUROCONTROL регионот, споредено со истиот период во 2024 година.

Вкупно, сообраќајот во областа на EUROCONTROL бележи пораст од 5% во однос на претходната година. Сепак, податоците откриваат постојан контраст помеѓу јужна и централна/северна Европа. Највпечатлив пораст се бележи во Југоисточна Европа, каде што повеќето ACC центри имаат зголемување над 10% споредено со 2024 година. Овој регион минатото лето се соочи со сериозни доцнења поради ограничениот капацитет и силната побарувачка. Во Q1 2025, сообраќајот достигна историски високи нивоа, особено во критичниот источен Јадрански регион – Тирана ACC работи со над 80% над нивото од 2019 година, додека Скопје и Загреб имаат раст од 50–60%, а Белград и Македонија меѓу 35–45%.

Југозападниот регион, пак, бележи континуиран раст, главно како резултат на силната сезонска побарувачка кон Канарските Острови и Мароко. Севиља, Агадир и Казабланка ACC сега работат со нивоа кои се над 25% од оние во 2019 година.

Иако некои области бележат пораст во однос на 2024 година, сепак остануваат под нивото од 2019 – меѓу нив се балтичките земји, Полска и Израел.

Еден специфичен случај е намалувањето на сообраќајот кај ACC на Бриндизи, што не е резултат на пад во побарувачката, туку поради прераспределба на сектори кон ACC Рим.

Со оглед на овие трендови, очекувањата се дека асиметричниот раст ќе продолжи и во летниот период. ACC кои веќе бележат значителни зголемувања во 2024 година најверојатно повторно ќе бидат под голем притисок.