Изминатата недела, поточно од 27-ми април до 2-ри мај, 2025 година, се одржа 64-тата годишна конференција на IFATCA во Абу Даби, Обединетите Арапски Емирати. На оваа конференција учествуваа 600 делегати од 98 контролорски здруженија од сите четири региони на IFATCA, поделени во три комитети.
Официјални претставници на Здружението на контролори на летање на Македонија беа Наташа Мијат Крстевска (комитет А), Горан Бошески (комитет Б) и Марија Савиќ (комитет Ц).



Покрај секојдневните активностите во комитетите, Марија имаше презентации и работилница со останатите членови на Mental Wellbeing Task Force, а Наташа пак со Equity, Diversity & Inclusion тимот имаа штанд во фоајето на конференцијата каде контролорите имаа можност за време на паузите да споделуваат проблеми од својот регион.







Првиот ден од конференцијата беше во знак на официјалното отварање и организатирите од OAE се претставија на највисоко ниво, по што следеа два професионални панели каде беа дискутирани идните предизвици на нашата професија со најголем акцент на регрутирање што беше и во склад со слоганот на овогодинешната конференција “flight plan for our future”.
Првиот ден заврши со претставниците од Јапонија кои дадоа извештај за ситуацијата по несреќата во Ханида од 2024, и се обратија до сите здруженија кои сакаат и можат, да испратат писмо за поддршка на јапонските контролори инволвирани во несреќата кои се осудени за убиство од небрежност, а моментално чекаат изрекување на казна.



Вториот ден започна со регионалните состаноци. Нашиот извршен потпретседател од Европа, Frederic Deleau за време на неговиот извештај и даде збор и на нашата претседателка Наташа Мијат Крстевска да го презентира Think Safety курсот кој се одвиваше во април оваа година а беше наменет за земјите од Балканскиот регион. Овој проект со своето прво поглавие во Скопје е обид за децентрализација и регионализација со цел да се надминуваат и решаваат проблемите кои ги има секој регион во Европа засебно.
Други предизвици со кои се соочуваат европските контролори на летање е недостаток на работна сила, отсуство на организирани механизми за справување со умор како и воведувањето нови технологии.
Се разговараше и за недостатоците на remote tower технологијата како и зголемување на возраста за заминување во пензија во некои држави.
Во својот официјален извештај кон IFATCA Frederic Deleau особено се заблагодари до нашето Здружение ЗКЛМ за беспрекорната организација и успешниот ERM SKOPJE 2024.



Втората половина од денот беше во знакот на отварањето на Пленумот и подигање на официјалните плочки од секоја земја со кои подоцна се одвиваше гласање во секој од комитетите.

Од третиот ден започна и засебното функционирање на секој од комитетите. Во комитет А сите официјални лица на IFATCA ги поднесуваат своите годишни извештаи, се презентираат и гласаат буџети, и се прават измени во правилниците на IFATCA. Во овој комитет како и во комитетот Б добивме полномошно да гласаме и за Хрватска, а последниот ден и за земјите од Балканот: Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Комитет Б на годинешната IFATCA конференција воглавно беше насочен кон технолошки напредок и негова стандардизација. Се дадоа препораки за АТМ системите како наш најважен алат и настојување за нивна интероперабилност, со што би се автоматизирала дел од координацијата и подобрила соработката меѓу системи од различни производители. Беше разговарано за Remote towers, GNSS RFI (Блокада или лажирање на сателитски сигнал), Еколошки решенија во авијацијата, Нови стандарди за формат на План за летање. Од страна на Техничкиот и оперативен комитет има и предлог за промена на процедурата за RCF поради достапност на нови технологии како Сателитска гласовна комуникација и CPDLC, каде што и ЕАSА моментално пробува да имплементира измени.








И четвртиот и петиот ден поминаа во знак на работа во комитетите.
Во комитетот Ц акцентот оваа година беше на употребата на вештачка интелигенција. Се дискутираше и за репортите за употреба на вештачка интелигенција во работата на контролорите со барање до IFATCA да се изјасни по прашањето : до кој степен сме спремни да дозволиме АI да одлучува во име на контролорите, т.е кога одговорноста за решавање на конфликти престанува да биде на контролорот кој работи, а се префрла на системот. Се дискутираше и за за употреба на AI во тренирање на нови контролори, за регрутирање на контролори, дефинирање на пауза, дефинирање на NSP-ата како организации со високо ниво на доверливост, за потребата ATFM персоналот да има дозвола за контролор на летање и така натаму.
Во рамките на споените комитети Б и Ц се дискутираше за работата на сите работни групи, беа поднесени извештаи за работата на претседателите на PLC и TOC комитетите, потпретседателот на IFATCA Жан Франсоа Лепаж, координаторите со ICAO, IFALPA, SESAR/EASA како и за рабтните студии кои се однесуваат за двата комитети, како на пример неоперативност на АТМ системи, концепт на низок капацитет, деактивирање на сигурносни мрежи и така натаму.
Вистинска новина што предизвика голем интерес беше Mental Wellbeing Task Force. Нивната работилница беше многу посетена.
Нашата членка и претседателка на комитет Ц во ЗКЛМ Марија Савиќ, заедно со своите соработници од овој Task Force, ја објаснија заедничката студија помеѓу IFATCA и University of Washington и изработка на прашалникот кој ќе помогне во утврдување на односот кој го имаат контролорите на летање со своето ментално здравје, и импликациите на истото при извршување на работните задачи безбедно но и во контекст на издавање на лекарско уверение.
По презентацијата на нејзиниот тим следеше бура прашања од присутните делегати што покажа дека формирањето на Mental Wellbeing Task Force бил вистински потег од страна на. IFATCA.
Во текот на конференцијата беа презентирани и Speak English Program, PLC, TOC, Equity Diversity & Inclusion Task Force, Andropause & Menopause Working Group.






Следната година оваа конференција ќе се одржи во Букурешт, Романија. А за време на петиот ден од конференцијата во Абу Даби, презентација направија Уганда и Турција како потенцијални домаќини за 2027-ма година. Со тајно гласање, во затворена сесија, претседателите од здруженијата во Комитетот А изгласаа за Кампала – Уганда, што предизвика голема радост кај присутните делегати од Африка бидејќи веќе десет години немало светска конференција на IFATCA на тој континент.

64-тото издание на годишната светска конференција на IFATCA беше уште едно издание на професионално вмрежување на контролорите на летање ширум светот како и размена на идеи кон подобрување и надградување на нашата професија.