Во однос на тековните случувања и најавениот штрајк на 12 октомври, организиран од страна на ССКЛ – Струковиот Синдикат на Контролорите на летање, членството на Здружението на Контролорите на летање на Македонија – ЗКЛМ дава целосна поддршка на барањата на ССКЛ, кои се поклопуваат со целите и програмата на ЗКЛМ.
ЗКЛМ е здружение кое се стреми кон постојано унапредување на условите за работа, правично и ефективно распределување на човечките ресурси, хармонизација на меѓучовечките односи во работната средина, како и за професионално и квалитетно извршување на работните задачи на контролорите и помошниците контролори на летање.
Најавениот штрајк од ССКЛ е кулминација на претходните наши континуирани заеднички барања за подобрување на целокупното функционирање на М-НАВ, чија примарна цел е овозможување на безбеден авио-сообраќај на небото над Р.С. Македонија и регионот. Овие наши заеднички барања се интензивираа во последните година и пол, за што се доказ бројните дописи до менаџментот, бидејќи условите во кои работиме се повеќе од срамни за компанија од оваа индустрија.
Ние, контролорите на летање и помошниците контролори на летање работиме во супстандардни услови 24/7, речиси непостоечки набавки на инвентар кој се користи и амортизира 365 дена во годината, со застарени системи за вентилација на воздухот, ладење и греење кои не се сервисирани долги години, недостаток и рестрикции на вода, што е основна човечка потреба, односно услови кои го загрозуваат нашето здравје.
И покрај сето горенаведено, само со соработка помеѓу работничкиот колектив успеавме најпрофесионално да ги исполнуваме сите работни обврски и задолженија, иако тековно сме подложни на разни проверки на компетентност, лекарски прегледи, задолжителни стручни усовршувања и обуки според светски и европски стандарди.
Опслужуваме обем на авиосообраќај кој континуирано се зголемува, кој за жал се води со застарен и технолошки ограничен систем за контрола на летање, што создава само дополнителен стрес и притисок во работата на контролорите и помошниците контролори на летање, а истовремено сме сведоци на долгогодишно неодговорно менаџирање со ресурсите што доведе до создавање на нечовечки услови, деградирачка и крајно немотивирачка атмосфера на работа.
Токму поради овие причини застануваме покрај ССКЛ и ја поддржуваме одлуката на Синдикатот за штрајк, а воедно бараме од менаџментот на М-НАВ да се воздржи од лични напади кон поединци како и да покаже достоинствен третман кон контролорите на летање, помошниците контролори на летање, а и сите останати професионалци и оперативен персонал.
Како што неуморно ве водиме низ нашето небо, така ќе се бориме за нашето достоинство!
Здружение на контролори на летање на Македонија – ЗКЛМ